НФО ВО  СПОРТ

Драг тренеру, кој си ти?

Тренерите ја имаа клучната улога во активностите на НФО, покрај фасилитаторите на самиот процес, и исто така претставуваат „авторитативна“ фигура во процесот. Во ова Поглавје ќе добиеме увид во нивната улога и потребните вештини.

Како почетна точка, Речникот Оксфорд го дефинира тренингот како „доведување до посакуваниот стандард на изведба или однесување со помош на инструкции или пракса“.

Она што претставува посакуван стандард и како истиот се постигнува очигледно може да варира. Тренерите се клучен дел од НФО, без кои нема да има вредни резултати. Улогата на тренерот е особено одговорна и мотивирачка. Понекогаш може да биде навистина тешка и исцрпувачка. Но, секогаш е динамична и потребна е постојана фокусираност и концентрација. Тренерите се „под лупа“ од оние кои ги тренираат, од заедницата и општеството, со оглед на тоа дека имаат јавна улога, работат со луѓе и исполнуваат педагошки/образовни цели. Најмоќната алатка која ја поседуваат тренерите во нивната работа со други луѓе се личниот пример и инспирација, кои тие ги зрачат и пренесуваат на оние кои ги тренираат.

Обуката е одредена форма на образование или настава што опфаќа пренос на знаење и изведба на вештини во понатамошниот живот на учесникот. Во процесот на обука, тренерот има различни одговорности. Покрај тоа што е вешт во комуникацијата, така што учениците го разбираат значењето и намерата на искуството, тренерот мора да биде свесен за потребите на учениците и чувствителен во однос на нивните прашања. Тој можеби ќе се најде во многу различни улоги: презентер, демонстратор, водич, администратор. Вообичаено, обучувачот создава конкретни цели што треба да се постигнат во даден временски период, а потоа управува со даденото време за да успее до крајот на сесијата (без разлика дали тоа е 15 минути или 2 недели) да ги исполни бараните цели. Тренерот управува со задачите и процесите и ја креира сесијата пред време за да се осигура дека исходот од обуката е постигнат.