Спорт во НФО
Образованието преку спорт е концепт кој комбинира личен развој и физичка активност. Тоа е силен педагошки пристап и метод на учење. Она што го прави овој метод посебен и интересен за младите е фактот што стекнувањето знаења и вештини се одвива додека учесниците се занимаваат со пријатни и инклузивни активности.
Според најсеопфатната дефиниција, образованието преку спорт е неформален образовен пристап кој користи спорт и физички активности и се однесува на развој на клучните компетенции на поединци и групи со цел да придонесе за нивниот личен развој како и одржлива трансформација на општеството.
Важно е да се направи разлика помеѓу спортско образование, образование со помош на спорт и образование преку спорт. Се разбира, овие концепти се засноваат на физичка активност, но нивните цели се различни. Спортско образование има за цел да развие компетенции за подобрување на физичките перформанси во контекст на спортскиот натпревар. Неговиот фокус е победата. Од друга страна, образование со помош на спорт е малку подлабок концепт кој се потпира на спортот за да го промовира здравјето и благосостојбата на општеството. Последно, но не и најмалку важно, постои образование преку спорт што нуди холистичка перспектива повеќе од претходните два пристапа. Во оваа смисла, спортот се гледа како средство за личен напредок што во одреден момент ќе донесе трансформација на општеството.
Овој пристап за поврзување на спортот и НФО веќе се применува во пракса ширум светот. Веќе се споменати некои од најевидентните придобивки од спортот и физичките активности, но во контекст на развивање на т.н. „меки“ вештини кај младите, важно е да се разбере нивната корелација со очекуваните исходи од НФО. Табелата подолу ги прикажува клучните компетенции на кои воведувањето на спортот како метод за учење може позитивно да влијае.
Според тоа, при дизајнирање на вашата програма за активности со младите, првиот чекор треба да биде да ги одредите вашите целни категории на компетентност. Врз основа на тоа, размислете за големината на групата со која работите и одлучете дали индивидуалните или групните спортови се посоодветни за тоа. Во оваа фаза, важно е да се поддржи принципот на учество и да се овозможи учество на сите членови на групата.