НФО ВО СПОРТ

Чекор 1: Одберете го соодветниот пристап!

Дали некогаш би војувале невооружени? Се разбира не! Без разлика колку сте добро информирани, без разлика колку сте запознаени со сите теоретски концепти поврзани со вашата цел, дефинитивно ќе дојдете во ќорсокак освен ако не изберете најсоодветни алатки за да го примените вашето знаење и да имате корист од вашите сопствени капацитети како спортски тренери.

Не е лесно да се одреди соодветен метод или активност за вашите образовни цели. Напротив, тоа може да биде прилично тешко и ризично. Сепак, постојат неколку елементи кои можат да ви помогнат во процесот и ние сме повеќе од подготвени да ги споделиме:

– Одредете ја вашата цел: како спортски клуб или организација или тренер кој е активен на спортско поле, треба да се занимавате со голем број теми кои треба да се решат во рамките на ограниченото време на вашата тренинг сесија. Сепак, ова не треба да биде пречка за вашиот напор. Она што треба да го направите е да се фокусирате на еден специфичен аспект со кој би сакале да се справите со активноста, а остатокот да го оставите…за подоцна! Јасната цел ќе ви помогне да донесете значителни резултати за да не се изгубите во процесот со површни и бескорисни исходи. Тоа ќе ви биде водич низ процесот и ќе ви помогне да избегнете бескорисни или неупотребливи чекори, како и да заштедите време и да им понудите на вашите млади спортисти вистинско едукативно доживување.

КАКО ДА ПОСТАПИТЕ?

Цел: „да се подобрат вештините на спортистите во справувањето со победи и порази по завршен меч“

Дефинирајте ги вашите специфични цели: овие специфични цели ги одразуваат малите чекори што треба да ги преземете за да ја постигнете вашата главна цел. Вашите цели мора да бидат S.M.A.R.T. што значи дека тие треба да бидат специфични (поставување реални бројки со реални рокови), мерливи (да се осигуриме дека вашата цел може да се следи), достижни (работа кон целта што е предизвик, но е можна), реални (да се биде искрен со себе – знате за што сте способни Вие и Вашиот тим), и временски ограничен (поставувате краен рок на завршување на предизвикот).

КАКО ДА ПОСТАПИТЕ?

Специфични цели:
• Да се разбере што е целта на спортското натпреварување
• Да се научи да се почитува и цени противничкиот тим
• Да се разбере дека победата не е единствената цел во спортот
• Да се прифати дека победата/поразот не го дефинира квалитетот на еден спортист

Направете профил на својата целна група: имате главна цел, имате и специфични цели. Сепак, Вие сте тој кој подобро од било кој друг ги знае индивидуалните карактеристики на вашите спортисти. Земете ги предвид нивните капацитети, нивното ниво на вештини, нивните потреби и желби, силните и слабите точки, нивниот стил на учење, нивната возраст, дури и нивното потекло и нивните стилови на социјална интеракција.

КАКО ДА ПОСТАПИТЕ?

Профил:
• Возраст: 13 – 16
• Ниво: Средно
• Начин на учење: со слушање
• Силни страни: ревносен, сака да учи
• Слаби страни: бурно реагира, тешко надминува пораз

Временска рамка: понекогаш страста и мотивацијата можат да бидат многу моќни, но исто така може да не натераат да ги прецениме и да ги потцениме своите способности. Не само во однос на вештините, туку и во однос на времето! Важно е да изберете метод кој може да се вклопи во ограничената временска рамка на самиот тренинг, така што ќе успеете да започнете и да завршите навреме, без брзање и без да оставите нешто недовршено. Клучот за успехот е да го завршите циклусот на учење и да им понудите целосно едукативно доживување на вашите спортисти.

 

КАКО ДА ПОСТАПИТЕ?

Временска рамка: 60 минути
• Вовед и загревање 10 минути
• Спроведување: 40 минути
• Барање повратна информација: 10 минути

Откако го поминавте овој процес, подготвени сте да почнете со подготовка на својата активност и да добиете конкретни резултати!

Одберете било кој метод на НФО од табелите прикажани подолу кои ги имаме подготвено за вас во Поглавје 5 или други кои може да ги најдете од дополнителен извор или пак креирајте ваш сопствен пристап.